Што е фискализација?
Фискализација е процес потребен за пуштање на фискалниот апарат во употреба, односно внесување на потребните податоци за даночниот обврзник во фискалната меморија, нејзино активирање и ставање во функција. Од тој момент даночниот обврзник ќе може да издава фискални сметки, а податоците за прометот се зачувуваат во фискалната меморија.
Кој е должен да воведе фискален систем на опрема за регистрација на готовински плаќања?
Даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кои плаќањето се врши готовински, должни се да воведат и користат одобрен ГПРС фискален систем на опрема за регистрација на готовинските плаќања.
Дали даночните обврзници кои не се регистрирани за ДДВ се должни да воведат и користат фискален апарат?
Без разлика дали даночниот обврзник е регистриран или не е регистриран за целите на данокот на додадена вредност, а прометот на добрата или услуги го врши во готово, должен е да воведе и употребува фискален апарат
Што е GPRS терминал?
GPRS терминал е уред кој обезбедува двонасочна комуникација со фискалниот апарат, двонасочна комуникација со крипто модулот и двонасочна комуникација со серверот на Управата за јавни приходи, со што се овозможува двонасочен пренос на податоци помеѓу серверот на Управата за јавни приходи и фискалниот систем на опрема
Што е крипто модул?
Крипто модул е уред кој служи за криптирање и дигитално (нумеричко) потпишување на фискалните и сторно сметки, дневни, периодични и контролни финансиски извештаи пред нивно печатење и испраќање до серверот на Управата за јавни приходи.
Кога треба да се започне со користење на фискалниот апарат?
Даночниот обврзник е должен да монтира, воведе во користење и да ја користи фискалната апаратура од самото пуштање во употреба на објектот, од каде се врши прометот.
Дали може да се заверат парагон блок и Итна сметководствена книга во случај кога апаратот сеуште не е фискализиран?
Парагон блок и Итна сметководствена книга се заверуваат врз основа на фискализиран апарат, односно врз основа на издадено Решение за фискализација од УЈП.